МЕТАЛУРГ СИ ГО ОБЕЛИ ОБРАЗОТ
Објавено на : 10/10/2010 21:50 Текстот не е лекториранВо реванш средбата од 2 коло на ЕХФ Купот, РК Металург го совлада Брест Мешков од Белорусија со 9 гола разлика и се пласира во следното коло. Резултатот е 32:23, полувреме 14:13.
Сите со нетрпение го очекувавме овој натпревар. После лошите резултати на меѓународен план, Металург и Лино Червар се соочија со бројни критики во македонските ракометни кулоари. Довербата во клупскиот потенцијал особено се намали по несреќниот пораз во Брест. Капак на се беа одлуките на Арбитражната Комисија. Во една таква ситуација, многумина реваншот го очекуваа со претпазливост, некои и со страв. Од друга страна, во текот на целата недела, ракометарите зачудувачки мирно и со силно изразен оптимизам се подготвуваа за саботниот мегдан. Како да беа решени да стават крај на црната евросерија. Тоа се виде и на самиот почеток на средбата, се виде на нивните лица. Беа решени да победат.
Натпреварот се одигра во салата “Автокоманда“, пред повеќе од 1500 гледачи. Амбиент, ретко виден кај нас, пеколен. Френетично навивање на “Пиратите“ кои 60 минути скандираа и ги пееја клупските песни. Понесена публика која почуствува дека успехот е на дофат.
Овој натпревар Металург го одигра поинаку од сите други. Поведе од самиот почеток, на моменти со 2-3 голови разлика. Противникот успеа неколку пати да се доближи, но нити еднаш во текот на целиот натпревар не помина во водство. Па сепак, и покрај невидената борбеност на нашите ракометари, и покрај сиот психолошки притисок што го создаваше амбиентот во салата, белорусите не потклекнаа и првото полувреме заврши со наше, тесно водство од еден гол. Пресвртот се случи во второто полувреме, кога Петар Ангелов со повеќе од 10 последователни одбрани, буквално го запечати својот гол и ги фрли во очај гостинските ракометари. Металург доби шанса и маестрално ја искористи, постојано зголемувајки го своето водство. Водевме и со 12 гола разлика (31:19), завршивме со преубавите 9.
Не можеме а да не ги пофалиме маестро Миркуловски за постигнатите 8 гола, зачудувачки смирениот Чурувија за 5-те погодени седмерци, Мојсовски, Левов, Ракчевиќ и сите други ракометари кои го обелија образот на својот клуб, го обелија својот личен образ. После овој натпревар сите сме спремни да им опростиме за поранешните грешки. Меѓутоа, овој натпревар станува репер за сите идни, а игрите на секој ракометар едноставно мораат да бидат на ова ниво. Да не заборавиме дека во четвртокот не очекува вечното дерби со екипата на Вардар.
По последниот свиреж на судиите, “Автокоманда“ експлодира. Ваков излив на радост одамна не се памети. Лугето се грлеа, секој секому честиташе. Пресреќен беше и генералниот спонзор на Металург, Минчо Јорданов, кој натпреварот го изгледа од својата ложа, и кој потоа уште долго време остана во клупските простории делејки ја својата радост со раководството на клубот и со играчите.
После тоа прославата продолжи на Водњанска, во Ретро, каде стопанот на кафулето, газда Зуб, приреди незаборавна забава.
РК Металург: Ангелов, Митревски - Mиркуловски (8), Чурувија (6), Левов (5), Мојсовски (5), Ракчевиќ (4), Георгиевски (3), Димовски (1), Алушевски, Ѓоргоновски, Марковски, Смигиќ, Стоилов. Седмерци: 5/5. Исклучувања: 8 минути.
Брест Мешков: Черепенко, Крајнов - Григорјев (5), Баранов (4), Рубизов (4), Башкин (3), Колеснев (3), Татарин (2), Борзенков (1), Кириленко (1), Филипов, Пракапенја, Ревин, Шумак. Седмерци: 4/1. Исклучувања: 18 минути (црвен картон: Кириленко).
Судии: Павел Василе и Еуген-Маријан Стате од Романија.
Делегат: Андреј Андреев од Бугарија.
Супервизор: Густав Бурцивал од Австрија















Напишете коментар