ВО РАМНОПРАВНА ИГРА, ПРЕСУДИЈА ЛИТВАНСКИТЕ СУДИИ
Објавено на : 04/10/2010 03:37 Текстот не е лекториран
РК Металург, во рамките на второто коло од нокаут фазата во ЕХФ Купот, загуби во Брест од екипата на Брест Мешков со резултат 28:23 (14:12). Натпреварот помина во апсолутно изедначена игра. Пoведе Брест, прво со 3:0, па 6:2, Металург врати со 3 гола. Во 25 мин резултатот беше 12:12, па сепак полувремето заврши со предност на Брест 14:12. Второто полувреме помина во огорчена борба, а домакинот никако не успеваше да се одлепи. Во 34 минута резултатот гласеше 15:15, седум минути покасно сеуште имавме одлични 20:19. Брест дури на крајот успеа да стекне предност, 52 минута 24:19, 57 минута 26:23. На жалост, своја улога имаа и судиите кои за време на целиот натпревар, а особено во самата завршница, со неколку дискутабилни одлуки му овозможија предност на домакинот. За време на натпреварот дозволија груба игра на Брест, признаваа голови што не ја поминаа гол линијата, често за време на нашите напади веќе по 15-20 секунди сигнализираа пасивна игра. Се надминаа себе си кога за време на нашиот последен напад, при 4 гола разлика за Брест, дигнаа рака за пасивна игра веќе после 10 секунди! Поради протести, тренерот Червар доби жолт картон. На 3 секунди до крај, на изненадување и на самите домакини, досудија 7 метри во ситуација кога најблискиот наш ракометар беше пола метар од наводно фаулираниот. Со тоа се потврдија стравувањата нa Металург пред натпреварот. Сепак, крајниот победник од овој двомеч ќе се знае по 7 дена. Секако дека Брест Мешков може да се победи во Скопје, а негативата од 5 гола е непријатна но не и безнадежна. Реваншот е закажан на 9 октомври во Скопје со почеток во 18.00 часот. Ќе се игра во салата “Автокоманда“.
На пресконференцијата не се појави изнервираниот Червар. Него го замени помошникот Александар Петровски кој меѓу другото кажа:
- Најпрво, му честитам на Брест за извојуваната победа. Сепак, лошата страна на натпреварот се судиите. Тешко се игра добар ракомет ако веќе по 10 секунди судиите дигаат рака, сигнализирајки пасивна игра. Судиите не сакаа да ја видат грубата игра на Брест. Тоа што домакините имаа 6 исклучувања, а ние само 3, ништо не значи. Според играта тие мораа да имаат многу повеќе исклучувања. Ние изгубивме поради судиите и, најверојатно, ќе се жалиме. Исто така сметаме дека, согласно со правилата на ЕХФ, екипите можат да играат максимално со по 14 играчи, колку што имавме ние, додека Брест играше со 16. Ќе ѕвониме во Виена за да ја разјасниме ситуацијата. Што се однесува на реваншот во Скопје, убеден сум дека ќе судат подобри судии и дека ќе победиме со повеќе од 5 гола разлика. Екипата на Брест ќе биде добро примена во Скопје.















Напишете коментар